
Алкалоид првиот чекор кон бесмртноста го прави вечерва во Атина!
Тимот од скопска „Автокоманда“ со самиот пласман во битката за трофејот влезе во историјата како петти македонски клуб што играл европско финале - по Вардар, Пелистер, Кометал Ѓорче Петров и ЖРК Вардар. Патот до последната пресметка не беше лесен – македонскиот тим елиминираше пет противници и тоа Драгунас Клаипеда (Литванија), Вест Виен (Австрија), Бриксен (Италија), Баја Маре (Романија) и Рунар (Норвешка). Сето тоа го постигна со млад состав и покрај отсуството на неколку клучни играчи, вклучително и повредениот среден бек Марко Митев, за кого сезоната е завршена.
Спротивно на тоа, АЕК Атина настапува со тим речиси целосно составен од странски играчи – дури 16 од 19 ракометари не се од Грција. Тимот го предводи искусниот француски тренер Фредерик Бужан, кој од 2024 година е на кормилото по децениско искуство во женски ракомет. Неговата екипа на патот до финалето ги победи Јуниор Фасано (Италија), Ловќен (Црна Гора), Крка (Словенија), Партизан (Србија) и Извиѓач (БиХ), а најголемиот предизвик го имаше против Партизан, кого го елиминира дури по изведување пенали.
Вечерашниот меч се игра во салата „Ано Лиоси Арена“, попозната и како Сунел Арена, која беше дел од Олимписките игри во Атина во 2004 година. Денес таа има капацитет од околу 9.000 гледачи и најчесто се користи за кошаркарски натпревари. Во неа, во минатото, гостуваше и македонската репрезентација, која во 2014 година ја победи Грција во квалификациите за Светското првенство во Катар.
Предвиден е пренос на МТВ од овој натпревар, како и од реваншот закажан за следниот викенд во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.