
Дојде крај на серијата од 19 меча без пораз на Рома, Аталанта обезбеди пласман во ЛШ (ВИДЕО)
Славеше тимот од Бергамо со 2-1 и официјално обезбеди пласман во Лигата на шампионите, а во исто време и ја прекина на Рома серијата од 19 натпревари без пораз во италијанското првенство. „Волчицата“ загуби првпат во 2025 година, а низата траеше безмалку пет месеци бидејќи последен пат беше совладана наа 15 декември на гостувањето кај Комо.
Херој на Аталанта беше 22-годишниот фудбалер од Гана, Ибрахим Сулемана кој го постигна победничкиот гол во 76. минута, прв за него во шестиот настап оваа сезона. Претходно, во првото полувреме, Локман го донесе домашниот тим во водство, но Кристанте се погрижи за нерешен резултат на голем одмор.
На две кола пред крајот на сезоната, Атланта има недостижни +7 во однос на Јувентус и Лацио, додека Рома е со бод помалку зад овие две екипи и до крајот ќе води жестока битка за местата кои водат во ЛШ.