Милан со пресврт ја победи Болоња во предиграта на финалето од Купот (ВИДЕО)

Милан по се изгледа ја откажа Болоња од трката за пласман во Лигата на шампионите откако вечерва на домашен терен ја совлада со 3-1.

Се што беше важно на овој меч се случи во второто полувреме во кое беа постигнати сите четири гола. Отвори Болоња преку Орсолини, но се се смени со влегувањето во игра на Хименез во 65. минута. Осум минути подоцна тој го израмни резултатот, Во 79. минута Пулишиќ го донесе Милан во водство, а Хименез стави точка во судиското продолжение.

На две кола пред крајот на сезоната, Болоња е на седмото место со 62 бода и иако има само еден помалку од четвртопласираниот Јувентус, тешко дека ќе успее да го стигне затоа што пред неа се и Рома и Лацио кои викендот треба да ги играат своите (тешки) натпревари.

Вечерашниот меч на Сан Сиро беше и најава за финалето од Купот на Италија кое се игра в среда на Олимпико, а во кое се среќаваат истите екипи.