Новата КФМ веднаш најде пари за судиите – сезоната продолжува без притисок!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска ја комплетираше исплатата на официјалните лица – судиите и делегатите – ангажирани на натпреварите од почетокот на оваа година, со што се надмина еден од клучните проблеми што ја потресуваше македонската кошарка во последниот период.

Исплатата доаѓа само неколку дена по смената на раководството на КФМ, кога Перо Антиќ беше разрешен од претседателската функција, а на негово место дојде Томица Главчев. Новото раководство експресно се зафати со решавање на наталожените проблеми, а финансиската стабилизација е меѓу приоритетите.

„Кошаркарската федерација сака јавно да им се заблагодари на сите инволвирани за покажаното трпение и разбирање. Се надеваме дека вакви непријатни ситуации нема да се повторуваат во иднина,“ се наведува во соопштението на КФМ.

Со пристигнувањето на средствата, клубовите и судиската организација добиваат простор да се фокусираат на играта, без дополнителен притисок. Сезоната може да доврши во регуларен тек, со очекување за фер и спортска завршница. Ова е првиот посериозен потег на новото раководство, кое испраќа јасна порака дека има намера да воведе ред, транспарентност и стабилност во македонската кошарка.