Легендарен дефанзивец минува низ пекол: Ќе ми ги сечат коските на нозете!

Поранешниот италијански репрезентативец, Џанлука Замброта, се соочува со сериозни здравствени проблеми поради тежок деформитет на колената, поради што лекарите се чудат како воопшто успева да оди.

Некогашниот дефанзивец на Јувентус, Барселона и Милан најави дека ќе мора да оди на комплицирана операција на двете колена – остеотомија – за да ја избегне вградувањето на вештачки колена.

„Имав три операции на менискус, но сега веќе ги немам внатрешните менискуси на двете колена. Со тек на време, нозете ми се искривија. Денеска лекарите ме гледаат како медицински пример – не можат да разберат како уште одам“, изјави Замброта.

И покрај проблемите, тој и натаму успева да игра падел – спорт сличен на тенис – што за докторите е вистински феномен.

„Посетив неколку водечки хирурзи, но никој не може да сфати како со вакви колена сè уште спортувам. Ќе ми сечат коска над и под коленото, ќе вградат плочки и ќе се обидат да ги исправат нозете – сето тоа со надеж дека ќе избегнам тотална замена на колената, барем засега“, додаде славниот фудбалер.

Замброта беше дел од италијанската генерација што го освои Светското првенство во 2006 година и беше избран во тимот на турнирот поради одличните настапи. На репрезентативно ниво запиша 100 настапи, учествувајќи на три Мундијали, три Европски првенства, Купот на конфедерации 2009 и Олимписките игри во 2000 година. Кариерата ја почна во Комо, а подоцна настапуваше и за Бари, Јувентус, Барселона, Милан и швајцарскиот Киасо, каде што ја заврши играчката кариера и ги направи првите чекори како тренер.

ФОТО: EPA PHOTO