Бобан ја потцени Барса: Да беше Интер на местото на Борусија, ќе дадеше три гола

Прославениот хрватски фудбалер Звонимир Бобан на интересен начин го анализираше натпреварот меѓу Барселона и Борусија Дортмунд, одигран во средата во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

„Каталонците“ победија со 4-0 и со едната нога се во полуфинале, но Бобан смета дека конечниот резултат не е реален одраз на квалитетот на Барса. Смета дека Борусија нема квалитет да ѝ се спротивстави и дека со друг, посилен противник, ќе си поминела многу полошо.

„Место Борусија, да истрчаше Интер на Монжуик, ќе ѝ дадеше на Барса најмалку три гола. Ова го тврдам на основа на играта на Интер оваа сезона и на тоа како напаѓа празен простор. Барселона можеби ќе успееше исто така да даде три гола, но Интер во тој случај ќе имаше добар резултат пред реваншот“, смета Бобан.

Постои голема веројатност и можност овие негови тврдења да се проверат во полуфиналето бидејќи ако ги поминат своите ривали, Барселона и Интер ќе се сретнат во следната фаза од Лигата на шампионите.