Белорусија „со иле“ ни ги победи надежите - гол ни даде играч што мораше да е на клупата!

Младата репрезентација на Македонија доживеа пораз со 1-3 од Белорусија, на пријателскиот дуел одигран денеска во Анталија.

Нашата селекција одигра добар натпревар, но не ги искористи своите шанси и на крајот е заслужено совладана. Сепак, натпреварот го одбележа катастрофалното делегирање на правдата од страна на турските судии при што се издвојува еден несекојдневен момент. На полувремето фудбалерот на Белорусија, Кирил Цепенков беше изваден од игра, но во продолжението влезе повторно на место на друг играч кој го напушти теренот поради повреда. Судиите беа запознати со ситуацијата и грешката што ја направи белорускиот тим, но не изреагираа, дозволувајќи му на Кирил Цепенков да го доигра натпреварот.

На крајот, Цепенков беше стрелец на третиот погодок на денешната средба. Единствениот гол за Македонија беше дело на Стојанов во 82. минута.

Македонската У21 репрезентација останува во Анталија каде во вторник ќе се сретне со селекцијата на Азербејџан.