Синер не игра, а ја зголемува предноста, но најголеми добитници се Ѓоковиќ и Дрејпер

Веќе пет недели трае суспензијата на Јаник Синер, но тоа не се чувствува на неговиот пласман на АТП листата.

Тој денеска ја почна 41. недела на првото место со што се израмни со Енди Мареј, а сигурно е дека ќе остане таму уште долго бидејќи ривалите не можат ништо да освојат откако е тој суспендиран. Зверев загуби 190, а Карлос Алкараз 600 бода во Индијан Велс, па предноста на Синер сега е зголемена и изнесува 3.400 бода во однос на својот најблизок следбеник и 4.400 во однос на шпанскиот тенисер.

Првите бодови кои ќе ги загуби Синер се од турнирот во Мајами кој почнува оваа недела. Лани тој триумфираше на Флорида што значи дека ќе загуби 1.000 бода, но тоа нема воопшто да влијае на натамошниот пласман.

Најголеми добитници од настапот на Индијан Велс се Новак Ѓоковиќ и Џек Дрејпер. Србинот иако испадна во второто коло, се искачи за две позиции и сега е петтопласиран со пет бода повеќе од Руд и 60 од Дрејпер. Британецот има најголем скок, за дури седум места со нови 990 бода, па со евентуален добар настап и во Мајами може да дотурка и до петтата позиција бидејќи разликата меѓу него и Ѓоковиќ е само 180 бода.