Баркли удри по Дончиќ: Џабе даваш толку поени кога (пре)многу си – себичен!

Легендарниот Чарлс Баркли смета дека Лука Дончиќ треба повеќе да ги вклучува соиграчите во играта, иако словенечкиот кошаркар одигра фантастичен натпревар со 45 поени и 11 скокови.

Словенецот беше најдобар поединец на теренот, но тоа не беше доволно за Лос Анџелес Лејкерс да избегнат пораз од Милвоки Бакс со 126-106. „Езерџиите“ настапија без Леброн Џејмс, кој ќе го пропушти и следниот натпревар против Денвер нагетс и Никола Јокиќ. Ова значително го ослабна тимот, кој доживеа убедлив пораз. За време на натпреварот, Дончиќ постигна спектакуларна тројка која предизвика воодушевување низ целиот свет. Легендарниот Шекил О'Нил ја истакна способноста на Дончиќ да доминира кога Леброн не е на теренот.

„Тоа е Лука, нему му е комотно во вакви ситуации. Кога игра со Леброн, полн е со почит, асистира. Кога го нема Леброн, тогаш ја игра својата вистинска игра, ги презема сите удари и презема одговорност“, изјави О'Нил.

Но, за разлика од популарниот Шек, Баркли имаше поинакво гледиште.

„Би сакал да го видам како повеќе ги вклучува соиграчите во играта. Големите играчи можат да шутираат кога ќе посакаат, но тимската игра е клучна, не смеат да бидат премногу себични. Милвоки му дозволи да доминира, додека останатите играчи беа помалку активни“, оцени Баркли.