
Митревски: Првите 20 минути треба да ни бидат насока по која ќе се движиме
Голманот на Пелистер оствари девет одбрани, во најголем дел во почетната фаза од мечот, кога Македонија доминираше и дури имаше предност од шест разлика. По мечот, ветеранот направи осврт на она што се случуваше во „Борис Трајковски“.
„Можеби немаме доволно квалитет и ротација за да играме против квалитетна селекција како Словенија. При наше водство од четири гола во првото полувреме имаше неколку чудни судиски одлуки. Ние сме млада екипа и секако дека таквиот критериум на судење имаше влијание. Не сакам никако да обвинувам за тоа. Не успеавме да се вратиме во второто полувреме.
Во првите дваесет минути покажавме дека имаме квалитет и тоа треба да ни служи како пример и да продолжиме така. А во останатите 40 минути да видиме каде грешевме ние самите и да го поправиме тоа во иднина. Игравме против ракометари од светска класа кои играат во врвни клубови и имаат трофеи во ЛШ, како и полуфинале на ЛОИ. Словенија не е ослабена, напротив главните играчи беа тука и беше тешко да се игра против нив“, рече Митревски.