Газдарицата откри: Јокиќ е најголемиот виновник што Дончиќ заврши во Лејкерс!

Екипата на ЛА Лејкерс ја искористи можноста да го ангажира Лука Дончиќ во обид да стави крај на доминацијата на Никола Јокиќ и Денвер Нагетс, откри претседателката на клубот, Џини Бас.

Тимот од Лос Анџелес беше елиминиран од Нагетс во последните две плејоф-сезони – во финалето на Западната конференција во 2023 година (4-0) и во полуфиналето во 2024 година (4-1).

„Се откажавме од многу работи за да го донесеме Дончиќ. Среќни сме што е тука. Последниве три сезони во плејофот губевме од Денвер, а ништо не сугерираше дека нешто ќе се промени“, изјави Бас.

Трансферот на словенечкиот кошаркар во Лејкерс во април предизвика вистински шок во кошаркарскиот свет, особено што Далас Маверикс се согласи да се раздели со еден од најталентираните играчи во НБА. Во рамки на размената, Лејкерси ги добија Дончиќ, Макси Клебер и Маркиф Морис, додека Далас ги доби Ентони Дејвис, Макс Кристи и избор во првата рунда на драфтот во 2029 година. Претседателката на Лејкерси откри дека Дејвис долго време бил незадоволен во тимот.

„Дејвис се жалеше на позицијата на која игра и не беше среќен, па сметам дека на крајот оваа размена беше добра за двата тима. Тие го добија она што го сакаа, а ние исто така. Не очекував дека ова ќе биде вест од светски размери, но тоа ја покажува моќта на брендот Лејкерс и неговата способност да привлекува големи имиња кои сакаат да испишат ново поглавје во историјата на клубот“, додаде Бас.

Лејкерси изгледа дека направија вистински потег, бидејќи моментално се на второто место во Западната конференција со биланс 39-21, веднаш пред третопласираниот Денвер (40-22).