Охрид на големо се засилува за следната сезона – купи и Словенец од Бундеслигата!

Ракометниот суперлигаш Охрид ангажира големо засилување за следната сезона, откако го договори словенечкиот ракометар Тилен Стрмљан од германскиот Хановер, објави „Балкан Хендбол“.

Овој трансфер доаѓа како дел од реконструкцијата на тимот што веќе ја спроведува новиот тренер Борис Ројевиќ. Стрмљан е 29-годишен организатор на играта и повремен словенечки репрезентативец, беше дел од тимот што во 2024 година беше блиску до олимписки медал. Втора сезона настапува во Бундеслигата со Хановер, клуб што моментално е на третото место во најсилната лига во светот.

Тој претходно се истакна во Целје Пивоварна Лашко со одлични настапи во Лигата на шампионите, а претходно настапуваше за словенечките клубови Рибница, Херц Шмартно и Рудар Трбовље. Охридскиот клуб најавува дека во наредните недели ќе продолжи со засилувања за да изгради уште поквалитетен состав.