Хендикеп за Бенфика - без Ди Марија против Барса

Бенфика утре ќе ја пречека Барселона во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите, а во тимот ќе го нема најискусниот - Анхел ди Марија.

Ветеранот има повреда на бутниот мускул поради која веќе две недели е надвор од екипата и нема да му биде на располагање на тренерот. На претходниот меч меѓу овие две екипи, одигран во јануари, Ди Марија беше резерва и влезе во игра во 71. минута.

„Утре нема да игра, но последните тестови ќе ни дадат насока дали ќе може да сметаме на него за реваншот“, рече тренерот Бруно Лаже.

За разлика од Бенфика, Барселона комплетна допатува во Лисабон, ако се исклучи отсуството на Марк Андре Тер Штеген кој нема да се врати до крајот на сезоната и на негово место беше ангажиран Војчех Шчесни.