Кикс на Црвена Звезда кој може скапо да ја чини

Српскиот и АБА шампион, Црвена Звезда ја прекина серијата од три победи во Евролигата откако вечерва на домашен терен загуби од Жалгирис со 80-86.

Триумф на денешниот натпревар ќе го однесеше белградскиот тим на чекор од плејофот, а вака ќе мора да се „вади“ на некој од последните натпревари. Со оглед на моменталната форма, никој од навивачите во белградската Арена не очекуваше пораз, па исходот од мечот е голем шок за сите приврзаници на „црвено-белите“.

Жалгирис апсолутно заслужено стигна до победата имајќи предвид дека водеше речиси цел натпревар. Долго време предноста изнесуваше еден посед, се до третата четвртина кога литванскиот тим отиде на +8 (64-56). Звезда некако се одржуваше на пристојна негатива, но во последниот квартал Жалгирис направи серија од 6-0 и отиде на недостижни 81-70.

Франсиско со 25 поени беше прв играч на Жалгирис, Петрушев постигна 16 за Звезда, но дури 10 од нив во првата четвртина.