Тебас излезе надвор од ингеренциите - побара казна за Манчестер Сити

Првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас долго време води борба со Барселона и Реал Мадрид, но сега одлучи да излезе од своите ингеренции.

На самитот за фудбал на Фајненшел Тајмс, тој потсети на жалбата што Ла Лига ја поднесе во 2023 година против Манчестер Сити и побара да се казни англискиот шампион. Европската комисија, како тело н Европската Унија, воведе правило со кое на клубовите им забранува надворешни вложувања кои влијаат на европскиот пазар, имајќи предвид дека тоа влијае на конкуренцијата. Сепак, Велика Британија не е дел од Европската унија и за клубовите од оваа држава не важат тие правила, но Тебас е упорен.

„Ме загрижуваат компаниите кои се надбор од Сити Фудбал групацијата кои ги покриваат трошоците на Сити. Се што прават е да размислуваат како да ги заобиколат правилата и прописите и ние за тоа ја известивме Европската унија. Сакаме Манчестер Сити да биде санкциониран“, рече Тебас.

Во Ла Лига игра друг клуб кој е под закрила на Сити Фудбал Груп, тоа е Жирона која оваа сезона настапуваше во Лигата на шампионите, а која постојано е под лупа на Тебас и неговите соработници.