Епски меч со осум голови: Атлетико се спаси од пораз против Барселона (ВИДЕО)

Првиот меч од полуфиналето во Копа Дел Реј меѓу Барселона и Атлетико Мадрид понуди еден куп возбудувања и дури осум погодоци, а на крајот заврши без победник (4-4).

Атлетико имаше старт од соништата, односно по само шест минути водеше со 2-0 со головите на Алварез и Гризман.

Барселона успеа да се разбуди во продолжение од првото полувреме, па во период од 19 до 21 минута со погодоците на Педри и Кубарси израмни на 2-2, а потоа Мартинез во финишот стрелаше за целосен пресврт (3-2).

Левандовски беше стрелец на четвртиот гол за каталонскиот тим во 74. минута со што Барселона во завршницата од дуелот влезе со предност од два погодоци (4-2).

Барселона, сепак, не успеа да издржи до крај и го прокоцка водството. Атлетико најпрво погоди преку Лоренте за 3-4, а потоа Сорлот стрелаше во 95. минута за конечни 4-4.

Реваншот меѓу големите ривали е закажан за 2 април, по што ќе биде познато кој ќе игра во финале на шпанскиот Куп.