Дамјан Стојановски вечерва и официјално ќе замине во легендите!

Првиот меч за македонската репрезентација го одигра во 2009 година на ЕП во Полска, а 16 години подоцна, токму против Полска, ќе замине во легендите на македонската кошарка.

Станува збор за Дамјан Стојановски, капитенот на МЗТ Скопје, кој на вечерашната пресметка против полската селекција во СРЦ „Кале“ ќе биде испратен во репрезентативна пензија. Тој поради повреда не можеше да им помогне на соиграчите на последните две средби од квалификациите за ЕП 2025, што беше и една од причините за поразот на гостувањето кај Естонија пред неколку дена кој значеше и крај на надежите за пласман на континенталниот собир.

Дамјан со 66 одиграни средби во жолто-црвениот дрес ќе стави крај на една (пре)богата кариера, со учество на четири европски шампионати и со многу важни поени со што одбележа една ера во македонската кошарка. Ќе остане запишано дека првата средба за Македонија ја одигра против Грција во Познањ, а последната лани во ноември во Клаипеда против Литванија.