Одлична вест за Русите: Трамп ја враќа ЦСКА Москва во Евролигата!

Руските клубови би можеле наскоро да се вратат во Евролигата, откако неодамнешните геополитички промени во врска со војната во Украина иницирани од новиот претседател на САД, Доналд Трамп, отворија простор за нивно повторно приклучување, изјави извршниот директор на Бордот на тренери на Евролигата, Горан Шашиќ.

Тој во разговор за руските медиуми истакна дека ЦСКА Москва и уште еден руски клуб се сѐ поблиску до враќање во натпреварувањето. Според него, примерот со Југославија укажува на тоа дека суспензијата на руските клубови може да биде привремена. „Во последните 48 часа видовме значајни геополитички промени“, изјави Шашиќ за агенцијата ТАСС.

Еден од клучните фактори за враќањето на руските тимови е планираното проширување на Евролигата од 18 на 20 клубови.

„Се поставува прашањето – зошто сега се зборува за проширување? Одговорот е едноставен: има место за два руски тима“, нагласи Шашиќ, додавајќи дека очекува нивно брзо враќање.

Според предлогот на Евролигата, со зголемувањето на бројот на учесници, натпреварувањето ќе биде поделено на две конференции. Српските клубови, според овој план, би се натпреварувале во источната конференција заедно со руските тимови. Новата структура би довела и до промена во системот на натпреварување. Наместо досегашниот формат, тимовите ќе играат повеќе натпревари против екипи од сопствената конференција, додека против тимови од другата конференција ќе имаат ограничен број меѓусебни дуели – дел од нив на домашен терен, а дел на гости.