МЗТ и Пелистер играат финале пред финале, домаќинот чека шанса од сенка!

Првиот ден од Купот на Македонија во кошарка донесе едно изненадување и три очекувани резултати, но вистинската возбуда допрва следи, па главниот фокус вечерва е полуфиналниот дуел помеѓу Пелистер и МЗТ Скопје (18 часот) – натпревар што многумина го нарекуваат „финале пред финале“.

Актуелниот шампион убедливо го мина првиот чекор „растурајќи“ го Работнички со 97-63 и влегува во овој дуел со улога на фаворит, но битолчани се решени да му се реваншираат за ланскиот пораз во битката за трофејот во Битола. Со новото американско засилување, Џеремаја Гамбрел, „зелено-белите“ имаат дополнителна сила, а ако „металците“ не ја повторат доминантната игра од четвртфиналето, исходот останува отворен.

Во второто полуфинале, пак, организаторот Кожув ќе ја има поддршката од домашната публика во пресметката со Гостивар (20.30 часот), кој со фанатична одбрана и борбеност го елиминираше ТФТ. Гевгеличани прикажаа одлична игра во дуелот со Куманово и од сенка ја чекаат својата шанса и тоа не само за второ куп-финале туку и за прв трофеј во клупската историја.