![](https://sport1.mk/files/styles/article/public/article/2025/02/13/248366-pochnuva-kup-spektaklot-mzt-skopje-pak-e-prv-favorit-za-trofejot.jpg?itok=JkkNtGec)
Почнува Куп-спектаклот, МЗТ Скопје пак е прв фаворит за трофејот
Најјужниот град во земјава последен пат беше организатор на ова натпреварување пред шест години кога триумфираше Работнички што воедно е и последен трофеј воопшто за клубот од Градски парк. Пехарот го брани МЗТ Скопје кој е најуспешен во Купот на Македонија со 12 пехари, два повеќе од најголемиот ривал со кого се среќава денеска, уште во четвртфиналната фаза.
Како актуелен освојувач на тројната круна во домашната кошарка, МЗТ Скопје на хартија е прв фаворит и оваа година. Минатата недела МЗТ доживеа сензационален пораз на гостувањето кај Гостивар, но тоа беше само лош ден откако претходно екипата врза седум победи по ред. Јасно е дека останатите екипи ќе имаат голем мотив да го симнат МЗТ од тронот, но прашање е дали е некој способен да го направи тоа.
МЗТ има релативно тежок распоред на ова издание од Купот и тука треба ривалите да ја бараат својата шанса. За да стигне до мечот за трофејот, тимот од Аеродром треба денеска да го победи Работнички, а утре најверојатно вицешампионот Пелистер. Битолчани денеска ќе имаат далеку полесна задача против Чаир кој минува низ многу тежок период и од кандидат за највисок пласман, го доведе прашање својот пласман во плејофот. Не смеат да се заборават ниту домаќинот Кожув, амбициозниот МКК Куманово и поранешниот освојувач ТФТ, екипи кои имаат што да кажат во ова натпреварување.
МЗТ Скопје има шанса по вторпат во својата историја да врзе три титули по ред во Купот на Македонија, а Дамјан Стојановски може да се израмни со Перо Блажевски по бројот на трофеи во ова натпреварување. Блажевски во својата кариера освои 10, а капитенот на МЗТ Скопје досега стигна до 9.
Денеска во Гевгелија ќе има кошаркарски маратон бидејќи на програмата се четири четвртфинални натпревари, а првиот од нив почнува во 13 часот.
ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕТО
(1) ТФТ - Гостивар 13:00
(2) Пелистер - Чаир 15:30
(3) Кожув - МКК Куманово 18:00
(4) Работнички - МЗТ Скопје (20:30)
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 - Победник 3
Победник 2 - Победник 4