Познати термините од Куп-завршницата – МЗТ и Работнички ќе играат во „прајмтајм“!
Пресметката на најдобрите осум екипи годинава ќе се „одигра“ во Гевгелија, а уште и првата четврфинална фаза најавува дуели за паметење, особено што првпат во историја во овој дел силите ќе ги одмерат најголемите ривали – МЗТ Скопје и Работнички. Овој факт е причина што вечното дерби го доби централниот термин на програмата в четврток и тоа од 20.30 часот, како кулминација на денот за сите кошаркарски сетила. Домаќинот Кожув, пак, ќе игра нешто претходно во исто така неизвесен дуел со Куманово (18 часот). Турнирот ќе го отворат ТФТ и Гостивар (13 часот), а веднаш по нив на паркетот во салата „26 април“ ќе истрчаат кошаркарите на Пелистер и Чаир 2030.
Бранител на трофејот е тимот на МЗТ Скопје, кој воедно е и најтрофеен во ова натпреварување со 12 победнички пехари во своите витрини.