Младата македонска репрезентација ја чека тешка задача во квалификациите за ЕУРО 2027

Македонската У21 репрезентација денеска ги доби противниците во квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2027 година во Србија и Албанија.

Со оглед на тоа што се наоѓаше во четвртиот шешир при ждрепката, јасно беше дека Македонија ќе добие барем еден тежок противник. Во случајов, тоа е Италија од првиот сад, додека останатите ривали се Полска, Шведска, Црна Гора и Ерменија. Квалификациите почнуваат на 17 март и ќе траат до 6 октомври 2026 година, а баражот е на програмата на 9 и 17 ноември идната година.

Директен пласман на Европското првенство обезбедуваат деветте победници по групи, плус најдобрата второпласирана репрезентација. Останатите осум второпласирани ќе играат плејоф и победниците од тие пресметки ќе учествуваат на младинскиот континентален шампионат.

Досега Македонија само еднаш учествувала на европските младински првенства, во 2017 година, а во новиот циклус ќе влезе и со нов селектор - Горан Станиќ.