Случајност или казна: КФМ одби реномирани стручњаци за работа во Спортската академија (ФОТО)

Неколкумина реномирани стручњаци со долг стаж и завидно „сиви“ се одбиени од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за тренери во Спортската академија во второто полугодие од учебната година.

Меѓу нив е и селекторот на јуниорската репрезентација Горан Андреевски, кој со оваа селекција триумфираше на Европското првенство Б-дивизија, освојувајќи го златниот медал што е најголем успех на една македонска репрезентацијата на натпреварувањата на ФИБА. По завршувањето на тоа првенство, Андреевски јавно проговори за проблемите и притисокот од КФМ со кои се соочувал за време на подготовките и шампионатот поради што на ова се гледа како реваншизам односно своевидна казна од челниците на Куќата на кошарката. Тој повеќе од две децении работи како тренер, а има и сопствена школа од каде излегоа бројни репрезентативци на Македонија во сите категории.

Покрај него, одбиени се Сашо Тодоровски, еден од најискусните стручњаци во земјава кој, меѓу другото, му беше асистент на Емил Рајковиќ во ЦСКА Москва, а одбиен е и Борче Даскаловски, кој е добар и квалитетен да биде професор по предметот „Кошарка“ на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, но не и за Академијата која е на ниво на средношколско ниво во образовниот систем. Одбиени се и уште неколку познати во тренерската фела во земјава.

Тренерите во Спортската академија се ангажираат на предлог на Кошаркарската федерација, по претходна апликација на заинтересираните.