Магичните зборови на вардарецот Карачиќ ѝ донесоа на Хрватска - светско финале!
Долгогодишниот ракометар на Вардар емотивно им порачал на соиграчите: „Луѓе мои, па ова денеска не можеме да го загубиме“. Иако првично не беше дел од репрезентацијата, Карачиќ беше повикан во тимот по повредата на Домагој Дувњак во второто коло. Искусниот 36-годишен играч е добро познат на македонската публика, откако беше дел од историските освојувања на Лигата на шампионите во 2017 и 2019 година од страна на црвено-црните од Скопје.
Хрватска го започна полуфиналето со доминантна игра, наметнувајќи темпо кое ѝ донесе убедлива предност од 18-9. Иако Франција се обиде да се врати, „коцкестите“ ја одржаа контролата и заслужено се радуваа на триумфот. По натпреварот, Кузмановиќ откри дека атмосферата пред мечот била полна со емоции, а зборовите на Карачиќ дополнително ги мотивирале играчите.
„Го сонувавме финалето и сега го остваривме нашиот сон. Луѓето во Карловац ни дадоа огромна поддршка, а ние знаевме дека не смееме да ги разочараме“, изјави феноменалниот голман.
Хрватска во големото неделно финале во Осло ќе се соочи со победникот од денешното второ полуфинале помеѓу Данска и Португалија.