ИХФ пак нѐ зезна: Македонија место во „прајм-тајм“ ќе игра за време на – ручек!

Уште еден доказ дека не сме ѝ баш омилени на Светската ракометна федерација (ИХФ) е и промената доцна во ноќта на претходно утврдените термини за одигрување на средбите од втората фаза на СП, кои директно „удрија“ по нашата селекција со оглед што два меча наместо во „прајм-тајм“ ќе ги играме за време на ручек.

Ова се однесува за првите два меча од вториот круг, кој исто така се игра во Вараждин, што е особено важно со оглед што играме против селекциите на Австрија и Катар, со кои можеме да се носиме и против кои ќе бркаме победи за евентуално четврт-финале. Така задутрешниот прв дуел од оваа фаза против Австријците наместо од 18 часот ќе играме од 15.30 часот, што е и тоа како важен елемент во однос на бројката наши навивачи на трибините. Ваквиот (пре)ран термин ќе влијае пред се врз можноста за доаѓање на т.н. гастербајтери од Хрватска и околните држави, кои поради оваа промена наместо на трибините ќе мора да останат на работните места. Истото се однесува и за пресметката со Катарците, која исто така ќе ја играме во попладневниот термин од 15.30 и тоа следниот четврток – работен ден во кој нема да може да сметаме на помошта на навивачите од околината.

Ваквите промени не се баш пријатни ниту за спортските вљубеници во Македонија, кои нема да може да уживаат и да навиваат крај малите екрани за избраниците на селекторот Кирил Лазаров, исто така поради работните обврски кои нема да им бидат завршени. Единствено ист ни го оставија терминот против фаворизираната Франција, против која в сабота ќе играме во ударниот термин од 20.30 часот.

СП 2025 - ВТОРА ФАЗА

ВТОРНИК (21 јануари)

МАКЕДОНИЈА - Австрија 15.30 часот

ЧЕТВРТОК (23 јануари)

МАКЕДОНИЈА - Катар 15.30 часот

САБОТА (25 јануари)

МАКЕДОНИЈА - Франција 20.30 часот