Норвежаните за шокантниот пораз: Срам и фијаско!

Репрезентацијата на Бразил во текот на вчерашниот ден на Светското првенство приреди големо изненадување славејќи победа на Норвешка од 29-26, а овој пораз во земјата која е еден од првите фаворити за титулата донесе големо незадоволство.

Медиумите во Норвешка поразот од Бразилците го оценија како срамен и големо фијаско.

„Дури ниту кралот не можеше да им помогне на норвешките ракометари кои имаа кошмарен старт на првенството - срамен пораз. Изгледаа премногу импресионирани на свој терен“, стои во текстот на норвешката телевизија „ТВ 2“.

„Новешка доживеа фијаско на отворањето на Светското првенство. Драматично изгуби од Бразил. Кралот беше во публика, но крајот беше срамен“, пишува медиумот „ВГ“.

Разочарувањето не го криеше ниту Сандер Сагосен кој е најголема ѕвезда во својата репрезентација.

„Ова е големо разочарување. Игравме против добра репрезентација, но јасно е дека сакавме добар старт пред своите гледачи. Сега немаме опција и не смееме да си дозволиме пораз на преостанатите натпревари“, изјави Сагосен.

Во групата на Норвешка се уште САД и Португалија, меѓутоа целта на Норвешка е многу повеќе од само втората фаза, а по стартниот пораз веројатно ќе мора да победат на сите пет натпревари до крајот за место четвртфиналето.