Холандија докажа дека Македонија уште сега е во втората фаза на СП!
„Лалињата“ во првиот денешен меч ја прегазија Гвинеја (40-24) и потврдија дека претставникот на Африка е убедливо најлош на првенството и дека нема да ни биде никаков конкурент за пласман на третото место, кое последно води во следниот круг. Холанѓаните брзо покажаа кој е кој, па по десет минути имаа 10-1, со што покажаа дека има огромна разлика помеѓу екипите. Фаворитот потоа постепено ја зголемуваа разликата, без премногу да се трошат, бидејќи и не бркаа посебно голема разлика, туку повеќе сакаат да ги разиграат сите ракометари.
Македонија го игра вториот меч од денешната програма во Вараждин и тоа против главниот фаворит за првото место, Унгарија (20.30 часот). Пласман во втората фаза обезбедуваат трите најдобри селекции, кои потоа ќе вкрстат со групата Ц во која се Франција, Австрија, Кувајт и Катар.