Дождот, ветерот и грмотевиците направија хаос на Австралија опен!
Од 16-те терени, само три имаат покрив, што создаде дополнителен притисок врз распоредот на натпреварите. Сепак, дел од програмата беше одиграна, а најголемото внимание го привлече мечот меѓу Кеи Нишикори и Бразилецот Тиаго Монтеиро. Јапонскиот тенисер направи неверојатен пресврт, враќајќи се од негатива од два сета за да победи со 4-6, 6-7(4), 7-5, 6-2 и 6-3. Ова беше уште една потврда за неговата мајсторска игра во пет сета, каде што досега има остварено 29 победи од 37 мечеви.
Слична драма се одвиваше и на дуелот меѓу шестиот носител Каспер Руд и Шпанецот Мунар. По трииполчасовна борба, Руд успеа да се пласира во второто коло со победа од 6-3, 1-6, 7-5, 2-6, 6-1. Иако условите беа тешки, беше одигран и натпреварот меѓу Французинот Филс и Финецот Виртанен, каде што Филс славеше со 3-6, 7-6, 6-4, 6-4.