Пелистер се закани: Нема да играме со МЗТ ако не е топло во салата!

Актуелниот вицешампион на Македонија, Пелистер упати закана до Кошаркарската федерација и до МЗТ Скопје пред утрешното големо дерби од 13. коло на Првата македонска лига.

Битолскиот прволигаш ги повтори барањата од пред неколку дена и уште еднаш побара да се почитуваат пропозициите и правилата.

„Имаме причина за задоволство што КФСМ што ја препозна добронамерноста на нашиот предлог и реши да повлече конкретни потези за решавање на големиот проблем со ледените сали во кои се играат кошаркарските натпревари во Македонија.

Сметаме дека овој проблем мораше да биде решен уште пред подолго време и нема време за чекање, па затоа ја информираме спортската јавност дека КК Пелистер нема намера да чека уште една недела за пропишаните пропозиции целосно да бидат испочитувани.

Очекуваме на следниот натпревар на нашиот тим, дербито со МЗТ Скопје, да има барем минимална температура согласно пропозициите на КФСМ. Во спротивно, јасно ставаме до знаење дека КК Пелистер нема да го игра овој натпревар. Согласно правилата, ако температурата е под минималната би можела да се игра доколку има согласност од двата тима, но сметаме дека е време да се стави крај на овие 'дупки во законот' и ние однапред јасно кажуваме дека таква согласност нема да дадеме.

Сакаме да биде јасно, ние не сакаме победа надвор од терен над големиот ривал, па воопшто нема да бараме службен триумф, туку ако мечот не биде одигран утре како што е планирано, ќе инсистираме да се најде термин и место каде оние минимални услови за играње кошарка би биле задоволени за големото дерби од последните неколку сезони да биде играно како што доликува.

Исто така, апелираме до раководството на КФСМ кога веќе планира од следната седмица целосно применување на пропозициите за сите клубови во сите сали, онаа минимална температура да се крене согласно пропозициите на ФИБА, на 16 степени целзиусови. Сметаме дека сите се согласни, сегашната норма од 12 степени наведена во пропозициите на федерацијата не може да се смета за нормален услов за играње на кошаркарски натпревар.

Уште еднаш потенцираме, проблемот не се однесува само на температурата во салите (што секако е проблем број 1), туку и на останатите основни предуслови кои ги потенциравме во претходните соопштенија.

Семафор
Семафор за 24 секунди
Осветлување во салата
Пристојни соблекувални
Ако сакаме да градиме сериозен спорт и да ја вратиме кошарката онаму каде што припаѓа, време е да ги тргнеме сцените со семафори за напад на столчиња крај аут-линиите, или на ѕидовите во салите на кои од само нему познати причини сегашниот Комесар за натпреварување (не)намерно остануваше нем.

Уште еднаш ја потенцираме и потребата за промена на начинот на делегирање на официјалните лица, со ждрепка наместо досегашното одлучување на Комесарот. За фер-завршница на сезоната, во делот во кој директно ќе се решава за трофеите, но и за опстанокот во елитата, неопходно е сите екипи да влезат со подеднакви шанси за остварување на целите што ги имаат зацртано.

За враќање на кошарката на местото каде што припаѓа потребно е секој да го преземе својот дел од одговорноста, и проблемите да почнат суштински да се решаваат, а не да се оставаат 'под тепих'“, посочуваат од Пелистер.

Натпреварот е закажан за утре од 18 часот во „Јане Сандански“ и со него ќе биде комплетирано 13. коло од Првата лига.