КФМ: Првенството ќе почне - потоа ќе направиме проверка на условите на салите!
Ваквата реакција доаѓа по соопштенијата на Пелистер и на Здружението на кошаркарите, кои побараа играње во топли сали, но и исправање на сите недостатоци во арените.
„Почитувањето на пропозициите е клучен услов за одржување на регуларноста и квалитетот на лигата, и сите клубови се должни да ги исполнуваат техничките барања за натпреварување“, наведуваат од КФМ.
Вонредна инспекција на спортските сали ќе се спроведе веднаш по одигрувањето на првото коло во новата календарска 2025 година, кое е закажано за претстојниот викенд. Со оваа проверка, Федерацијата ќе ги потврди условите за натпреварување согласно актуелните пропозиции. Делегатите на натпреварите ќе бележат сите забележани недостатоци, кои ќе бидат предмет на понатамошни одлуки. Дополнително, ќе бидат организирани состаноци со претставниците на сениорските лиги за да се спречат евентуални манипулации со условите за игра.
„Клубовите добија значителна финансиска поддршка од Министерството за спорт преку државни субвенции и распределба на средства од игрите на среќа. Покрај тоа, котизацијата за учество во лигата е покриена благодарение на спонзорот кој го обезбедивме пред почетокот на сезоната. Со ова, сите клубови се финансиски подготвени за професионално функционирање, па нема место за толерирање на непочитување на техничките стандарди,“ изјавуваат од КФСМ.
Федерацијата исто така информира дека клубовите кои имаат заостанати финансиски обврски добија рок за нивно подмирување. Во спротивно, тие нема да бидат делегирани за натпревари. Во духот на транспарентноста, КФМ ќе организира прес-конференција на која ќе ја информира јавноста за активностите и тековните прашања поврзани со работењето на Куќата на кошарката.
„Ја поздравуваме иницијативата на Пелистер, кој ги поддржува нашите заложби за обезбедување еднакви услови за сите инволвирани страни“, додаваат од КФМ.