Рубин Стефанов постигна 51 поен во чест на 51. роденден на својот татко – легендарниот Врба!

Дека судбината некогаш делува преку потези и ситуации кои се надвор од наша контрола доказ е и вчерашната монструозна партија на еден од најталентираните македонски кошаркари, Рубин Стефанов (19 години) со 51 постигнат поен и тоа на еден ден пред неговиот татко, легендарниот Врбица Стефанов, да го прослави својот – 51. роденден.

Стефанов јуниор го наполни противничкиот кош на дуелот на младинската екипа на третолигашот Унибаскет Ланчиано против Перуџа баскет (105-43) во меч во кој македонскиот талент имаше уште и пет скока и седум асистенции, односно вкупно 58 индексни поени. Ова беше мотив неговиот клуб јавно да му го честита роденденот на популарниот Врба, кој голем дел од кариерата мина токму во Италија.

Поранешниот репрезентативец настапуваше за некогашниот евролигаш Монтепаски Сиена, со кој двапати стана италијански шампион и тоа во 2004 и 2007 година. Неговиот син кариерата ја почна во МЗТ Скопје, настапуваше и за Ангели, а извесен период беше дел и од турскиот гигант Анадолу Ефес.