Кулминација на драмата во македонската кошарка
Точките на дневниот ред се тие што традиционално ги има на овој собир на клубовите, како што е усвојување на записниците на претходните две седници одржани во март односно во август, со тоа што втората беше на дописен начин со гласање преку мејл. Потоа ќе следува извештај за работата на Куќата на кошарката во изминативе веќе 366 дена, на која се очекува генералниот секретар, Владимир Георгиевски, да презентира што е направено.
Сепак, се чини дека најавените точки од дневниот ред се најмалку интересни во овој момент за сите инволвирани во мкедонската кошарка. Денеска се очекува да дојде до кулминација на она што се случува безмалку половина година во и околу Кошаркарската федерација на Македонија.
За разлика од претходните собранија, сега претседателот Перо Антиќ и неговите соработници имаат сериозна опозиција која се заканува дека ќе стави крај на нивното 5,5-годишно владеење во македонската кошарка. Иако во дневниот ред не е предвидено гласање за доверба на Антиќ, не е исклучено до тоа да дојде ако има расположение кај членовите на Собранието.
Од Кошаркарската федерација пред два дена објавија дека денешното Собрание „ќе помине во најдобар ред“, а вчера се јави претседателот Перо Антиќ со жестоки навреди кон опозицијата, односно кон оние кои имаат намера да го тргнат од функцијата.