На Србија ќе ѝ биде одземен олимписки медал и ќе ѝ биде доделен на - Хрватска!?

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ повторно ја „запали“ регионалната спортска јавност, на доделувањето на наградите за најдобри спортисти на Загреб.

Тој изјави дека е можно на Србија да ѝ биде одземен олимписки медал и да ѝ биде доделен на Хрватска. Станува збор за бронзата во борење во грчко-римски стил до 87 килограми од Олимписките игри во Токио во 2021 година која ја освои натурализираниот српски натпреварувач Зураби Датунашвили.

„Денеска слушнав дека мамел со урината, а со оглед на тоа што примероците се чуваат осум години, измамниците и шарлатаните треба да се плашат дека раката на правдата ќе ги стигне“, изјави Милановиќ.

Во клучниот меч, во четвртфиналето, Датунашвили го победи хрватскиот борач Иван Хуклек со 6-1, па при евентуална суспензија на Грузиецот со српски пасош, медалот најверојатно ќе замине кај соседот на Србија.