Англичаните го најдоа виновникот за кризата во Сити: Гвардиол е смешен дефанзивец!

Екипата на Манчестер Сити одново ги разочара навивачите, со што кризата во таборот на актуелниот англиски првак станува сè поочигледна, откако загуби седум од последните десет натпревари во кои прими 23 погодоци, поради што најскапиот дефанзивец, Јошко Гвардиол, е меѓу најмногу критикуваните играчи по поразот од Јувентус во Торино.

Хрватскиот репрезентативец, кој против италијанскиот тим играше како централен дефанзивец, не успеа да го оправда својот статус, а неговите грешки беа клучни при двата гола на противникот, оценуваат британските медиуми.

„Гол“ го критикуваше Гвардиол, истакнувајќи дека бил несигурен и дека го изгубил воздушниот дуел со Влаховиќ за првиот гол, додека при вториот гол не успеал да го затвори Мекени. Порталот му додели оценка 4 од 10.

„Гвардиол беше вратен како стопер, но неговата реакција при двата гола беше слаба“, велат од порталот.

Слични критики пристигнаа и од „Манчестер Ивнинг њуз“, кој истакна дека грешките на Гвардиол и голманот Едерсон биле „комични“. Весникот го обвини хрватскиот дефанзивец дека лошо расчистил топка при првиот гол, додека при вториот го оставил Мекени сам во опасната зона. „Дејли Експрес“ исто така му даде ниска оценка – четворка – за настапот против Јувентус, истакнувајќи дека Гвардиол не успеал да расчисти опасна топка и дека целосно потфрлил во воздушниот дуел со Влаховиќ.

Проблемите на Сити се продлабочуваат, а освен несигурната одбрана, формата на Ерлинг Халанд, кој долго време е без постигнат гол, дополнително го отежнува враќањето на тимот во победнички ритам.