Јончевски: Во Македонија ме викаат „Пожарникарот“ - ме носат да гаснам пожари!

Македонскиот селектор Александар Јончевски, кој од неодамна е тренер на полскиот тим Шљонск од Вроцлав, за полските медиуми (види ТУКА) откри дека во неговата држава го викаат „Пожарникарот“ и тоа поради неговата способност да ги води тимовите во најтешките моменти.

Ова е десетти пат во неговата кариера да презема екипа сред сезона, задача која ја прифаќа со голема мотивација.

„Во Македонија ме викаат пожарникарот. Често преземам тимови во критични моменти и секогаш пристапувам со уверување дека можам да го изгаснам пожарот. Досега, честопати сум ја завршувал сезоната со успех“, изјави Јончевски.

Стратегот со значително искуство како тренер во Македонија и Косово, смета дека работата во Шљонск е големо признание и предизвик.

„Голема чест е да водам толку голем тим. Шљонск е познат не само во Полска, туку и во Европа, со богата историја и настапи во врвни натпреварувања како Евролигата и Еврокупот“, дополни Македонецот.

Тој исто така откри дека во процесот на неговиот ангажман, клучна улога одиграла поддршката од македонскиот тренер Емил Рајковиќ, кој е поранешен тренер на оваа екипа.

„Емил ми се јави и ми рече дека ова е одлична шанса за мене. Неговата поддршка многу ми значи, тој е најдобриот тренер во историјата на македонската кошарка. Со него имам одлични односи со години, игравме заедно во Работнички и во Вардар, а подоцна бев негов асистент во МЗТ Скопје,“ додава Јончевски.

Со јасна визија, новиот тренер е фокусиран на резултати и на подобрување на тимот. Иако не планира големи промени во составот, тренерот посочува дека ќе работи со играчите што ги има на располагање, чекајќи ги повредените играчи да се вратат. Со огромна енергија и мотивираност, тој е уверен во својот успех со Шљонск.

„Верувам дека ќе постигнеме добри резултати. Доаѓам со свежа перспектива и желба да оставам свој печат во тимот,“ заклучува македонскиот предводник од клупата.

Јончевски откри и дека ќе остане на клупата на Македонија, барем до крајот на квалификациите за ЕП 2025.