Погба доби повик од поранешниот соиграч: Сакам повторно да играме заедно

На Пол Погба му беше намалена суспензијата за допинг и ќе може да се врати на фудбалските терени веќе од март, но засега не е познато во кој клуб тоа би се случило.

Опција за Погба е и Марсеј од неговата татковина, а сега доби и повик од Адриен Рабио.

„Би сакал да играм со Погба. Го повикувам да дојде во Марсеј“, изјави Рабио за телевизијата „ДАЗН“ пред натпреварот со Сент Етјен.

Погба како што е познато имаше позитивен допинг тест во август минатата година и првично доби казна од четири години, но потоа таа беше намалена.

Сепак, Јувентус сметаше дека нема потреба од него, па Французинот сега е принуден да бара нов клуб. 

Рабио и Погба беа клупски соиграчи во Јувентус откако Погба се врати од Манчестер јунајтед во 2022 година.

„Бевме кратко заедно во Јувентус. Немавме прилика многу време да поминеме на теренот поради неговите повреди и бев разочаран поради тоа“, истакна Рабио.

Двајцата заедно играа и во репрезентацијата на Франција и ја освоија Лигата на Нации во 2021 година.