МЗТ Скопје во последните минути го скрши отпорот на Кожув

Шампионот МЗТ Скопје повторно не беше убедлив, но дојде до победа со која го задржа чекорот со водечките во Првата македонска кошаркарска лига.

Аеродромци славеа на домашен терен против Кожув со 69-63, ама отпорот на жилавиот гостин го скрши во последните минути. Претходно Кожув беше апсолутно рамноправен, на моменти и многу подобар ривал и се закани дека може да направи сензација.

МЗТ Скопје подобро го отвори мечот, но иако имаше предност од 7-8 поени во два наврата, не успеа рано да направи разлика која ќе го одлучи победникот. Дури, во финишот од првото полувреме Кожув се најде во водство кое во еден момент изнесуваше седум поени (40-33), а претходно имаше серија од 13-0.

МЗТ одговори со девет поени во низа за 53-46, но клучниот период беше средината на последниот квартал. Во главна улога беше Марин Петков кој во тој период постигна пет поени и му асистираше на Крстевски, па на три минути пред крајот МЗТ Скопје поведе со 67-60. Стевановиќ потоа постигна тројка за -4, но се покажа дека тоа е последен кош за Кожув, па Дамјан Стојановски од линијата за слободни фрлања само стави точка на мечот.

Браќата Стојановски беа најефикасни кај МЗТ Скопје со по 13 поени со тоа што Војдан имаше и 12 скока, а Дамјан 8. Фран Пилепиќ го предводеше Кожув со 21 поен.