Германците со навреди за Белград и Србите пред гостувањето на Штутгарт на „Маракана“
Според информациите објавени на германските портали, се очекува околу 2.500 поддржувачи на гостинскиот тим да допатуваат во српската престолнина. Тие потенцираат дека натпреварот ќе биде предизвик, не само на теренот, туку и надвор од него, нагласувајќи дека атмосферата на стадионот „Рајко Митиќ“ е позната по својата интензивност, а „ултрасите“ на Црвена Ѕвезда се сметаат за агресивни и склони кон насилно однесување. Во нивниот текст се истакнува и специфичниот изглед на тунелот за играчи, кој повеќе наликува на воен бункер отколку на фудбалски стадион.
Германските навивачи ќе бидат под строг надзор на полицијата, која ќе ги придружува од влезот во Србија до нивното враќање. Некои ќе пристигнат со авион, додека други со автомобили или организирани автобуси. Навивачите се советуваат да избегнуваат паркирање во близина на стадионот и наместо тоа да користат хотелски паркинзи и организиран превоз. За влез во Србија е потребен валиден личен документ или привремен пасош, а стадионот се наоѓа на околу десет минути возење од железничката станица во Белград и има капацитет од речиси 52.000 места.
Во текстот се упатуваат и низа препораки за однесување во Белград. Германските медиуми предупредуваат дека јавната демонстрација на поддршка за клубот, како носење дресови, пеење песни или движење во групи, може да биде опасна. Исто така, се советува такси возила да се повикуваат само од хотели или ресторани за да се избегнат можни измами. Тие го опишуваат Белград како град со контрасти – од една страна познат по забавите, а од друга со проблеми како корупција и недоволна инфраструктура. Нагласуваат дека водата од чешмите не е безбедна за пиење, бидејќи отпадните води директно се испуштаат во реките Дунав и Сава.