Рокада во Работнички: Американецот експресно си замина, ангажиран Србин без клуб!

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички, направи рокада на позицијата бек-шутер, откако по заминувањето на Американецот Малколм Бернард, кој го напушти тимот по само десетина дена го ангажира српскиот интернационалец Немања Капетановиќ.

Станува збор за искусен кошаркар, кој ќе ја зајакне надворешната линија на тимот. Иако не бил активен од крајот на минатата сезона, клубот верува дека 27-годишниот играч е во добра физичка форма и ќе има една недела да се прилагоди на системот на Работнички пред продолжението на сезоната.

Капетановиќ во кариерата настапувал за клубови во Србија, Босна и Херцеговина и Грузија, а негов последен клуб бил Џокер, кој е во сопственост на семејството на Никола Јокиќ. Минатата сезона постигнувал просечно 11,3 поени, 3,6 скока и 1,5 асистенции по натпревар.