Никој нема да куртули: Косовци ќе добијат жестока казна за скандалот во Букурешт!

Фудбалерите на Косово се соочуваат со строги казни и суспензии од УЕФА поради скандалот за време на натпреварот против Романија, одигран во рамките на Лига Ц од Лигата на нациите, кога во судиското продолжение, при резултат 0-0, го напуштија теренот како реакција на скандирањата „Србија, Србија“ од трибините.

Капитенот Амир Рахмани ги поведе соиграчите во соблекувалната, каде што хаосот продолжи. Според романскиот новинар Емануел Росу, извори од УЕФА потврдиле дека организацијата разгледува остри дисциплински мерки.

„Играчите на Косово се соочуваат со казни и суспензии поради нивните постапки и провокации што доведоа до хаос во Букурешт,“ изјави Росу.

Официјалната одлука од УЕФА сè уште се очекува, но најавите сугерираат дека може да следат значајни санкции, вклучително и одземање бодови. Доколку тоа се случи, пласманот на Косово во бараж за Лига Б од Лигата на нациите би бил доведен во прашање. Од друга страна, Романија и покрај инцидентите, веќе го обезбеди својот пласман во Лига Б, а постапката на Косовците ѝ наштети на Македонија, со оглед што на нашата селекција ѝ требаше кикс на Романците во битката за место во баражот за СП 2026.