Ван Нистелрој експресно се враќа на тренерската клупа и тоа во - Чемпионшип?

Неколку дена откако официјално го напушти Манчестер Јунајтед, Руд ван Нистелрој би можел да преземе друга екипа од Англија.

Островските медиуми тврдат дека тој е сериозен кандидат за менаџерската позиција во членот на Чемпионшип, Барнли. Ван Нистелрој имаше понуда од овој клуб и во текот на летото, но тогаш одлучи да му стане помошник на Тен Хаг и се пресели на Олд Трафорд. Барнли го назначи Скот Паркер кој добро ја почна сезоната, но потоа тимот влезе во мала криза и тоа го зголеми притисокот од навивачите.

Во последните пет кола Барнли има само една победа, во последните 13 натпревари постигна девет гола и тоа придонесе да падне на четвртата позиција на табелата со четири бода помалку од лидерскиот тандем Сандерленд-Шефилд Јунајтед. Поради тоа се шпекулира дека Паркер наскоро би можел да добие отказ, а на негово место да биде назначен поранешниот голгетер.

Резултатите со Манчестер Јунајтед само ги уверија челниците на Барнли дека Ван Нистелрој би бил одлично решение за менаџерската позиција и покрај тоа што уште не се знае ставот на холандскиот стручњак.