Кошаркарите ги чека 17-часовна голгота до Клаипеда, каде што ќе мора да направат чудо!

Македонските кошаркарски репрезентативци по минимален одмор од само неколку часа, утринава тргнаа на пат кон Клаипеда, каде што в недела ќе го одиграат вториот натпревар против Литванија на кој мора да победат ако сакаат да ги задржат барем теоретските шанси за пласман на ЕП 2025.

Избраниците на селекторот Александар Јончевски на пат кон градот на Балтичкото море тргнаа во 2 часот по полноќ, со цел да го фатат летот за Виена (4.30 часот). Оттаму ќе одлетаат кон Вилнус, а потоа со автобус до Клаипеда, која е оддалечена безмалку 300 километри. Ова значи дека жолто-црвените на конечната дестинација би стигнале денеска приквечер, што како епилог носи најмалку 17-часовна голгота, која секако дополнително ќе ги замори пред клучниот меч во европските квалификации.

Македонскиот стручен штаб планира тренинг за вечерва, но неговото одржување зависи од патувањето бидејќи секое евентуално доцнење би значело и откажување на ова прво запизнавање со салата во литванскиот град. Нашите кошаркари в сабота ќе се тренираат еднаш и тоа од 13 часот, а в недела планиран е утрински тренинг во 10.30 часот по локално време, додека натпреварот ќе започне во 18:30 часот по македонско време.

Македонија сега има скор 1-2 и е трета на табелата во групата, зад Естонија (3-0) и Литванија (2-1). Пласман на ЕП 2025 ќе обезбедат двете најдобри селекции со оглед што Полска, која е четврта селекција во нашата група, е вон конкуренција со оглед што има обезбеден пласман како еден од домаќините на овој континентален собир, заедно со Кипар, Финска и Летонија.