„Секој гол и секој бод ни се важни – победата ни е приоритет и на двата меча!“

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот фудбалери за претстојните натпревари во Лигата на Нации против Летонија (14 ноември) и Фарски Острови (17 ноември), кои ќе се одиграат на домашен терен.

На списокот има двајца дебитанти, Фета и Алчевски, а во националниот тим повторно е повикан Сефер Емини.

„Добредојде на дебитантите, кои доаѓаат од последната генерација на репрезентацијата до 21 година, заедно со Стојчевски и Илиевски. Се надевам дека ќе се наметнат и ќе бидат клучен дел од тимот во иднина,“ изјави Милевски.

Тој исто така напомена дека тимот се соочува со кадровски проблеми – Костадинов нема да настапи, а неизвесни се Муслиу и Трапановски.

„Проблемите со повреди се присутни, а покрај отсуството на Костадинов, прашање е дали Муслиу и Трапановски ќе бидат подготвени. Сите сме свесни за важноста на овие натпревари, целта е да останеме на врвот на табелата,“ додаде селекторот.

Според Милевски, секој бод и секој гол имаат големо значење, а победата е приоритет на двата меча.

„На секој натпревар влегуваме со цел да победиме и да ги минимизираме грешките. Натпреварот со Летонија ќе биде тежок, но победата е неопходна. Секој меч е посебен и бара максимална подготвеност за да постигнеме позитивен резултат,“ изјави тој.

Милевски истакна дека играчите даваат максимум кога играат за Македонија и дека тоа го покажале многупати досега, уверувајќи дека така ќе биде и овој пат.