Леброн и со 40 години игра како Терминатор – брутален трипл-дабл за „Кралот“ (ВИДЕО)

Без разлика што во декември ќе го прослави својот 40. роденден, Леброн Џејмс и натаму игра како во своите најдобри години, откако блескаше во новата победа на тимот на ЛА Лејкерс, кој изгледа одлично на почетокот на сезоната.

Предводени од новиот тренер Џеј Џеј Редик, „езерџиите“ ја запишаа својата трета победа и го задржаа максималниот учинок. По Минесота тимбервулфс и Феникс санс, во Лос Анџелес беше поразен и Сакраменто кингс (131-127). Лејкерс со неверојатна серија од 21-0 од негатива 87-94 дојдоа до плус 14 (108-94) на почетокот на последната четвртина, осигурувајќи го патот до новиот триумф, а Леброн во оваа серија постигна дури 16 поени, од кои десет беа по ред.

Ветеранот, кој ја игра својата 22. сезона во НБА, го заврши натпреварот со импресивен трипл-дабл учинок, постигнувајќи 32 поени, 14 скокови и 10 асистенции. Ова му беше вкупно 113. трипл-дабл во кариерата. Сјајна игра прикажа и Ентони Дејвис, кој заврши со 31 поен и девет скокови. Во поразената екипа, Доманас Сабонис се истакна со 29 поени, 12 скокови и 10 асистенции, додека Фокс оствари дабл-дабл со 28 поени и 10 асистенции.

РЕЗУЛТАТИ: Денвер–ЛА Клиперс 104-109, Шарлот – Мајами 106-114, Детроит – Бостон 118-124, Вашингтон – Кливленд 116-135, Чикаго – Оклахома 95-114, Мемфис – Орландо 124-111, Сан Антонио – Хјустон 109-106, Феникс – Далас 114-102, ЛА Лејкерс – Сакраменто 131-127.