Алкалоид со нерешен резултат за инфаркт завршница на Европскиот клупски куп!

Шахистите на „Алкалоид“ одиграа тензичен меч, за инфаркт, при што останаа непоразени и во шестото коло од Европскиот клупски куп. Дуелот со двократниот европски првак и директен конкурент за годинешниот трофеј „Нови Бор“ од Чешка заврши нерешено 3:3 и ја пролонгираше неизвесноста на врвот од табелата.

После првите два часа игра, сите позиции делуваа изедначено. Како што обично се случува во големите дерби мечеви, каде што играчите се од висока класа, расплетот доаѓа во четвртиот час на играта. 

Првите две партии завршија со реми, при што Арјун Еригаиси го подели поенот со сонародникот Гурјати Видит на првата табла, додека Читамбарам Аравинд на четвртата табла, водејќи ги белите фигури не успеа да го скрши отпорот на Давид Навара. Во цајтнот на противникот, Велимир Ивиќ ја расипа стабилната позиција, против Таи Даи Ван Нгујен на шестата табла, и чешкиот тим поведе во мечот. Набрзо потоа, на петата табла Александар Инѓиќ, ги искористи грешките на неговиот противник во цајтнотот, направи голем пресврт и донесе многу важна победа за изедначување на резултатот 2:2. Тензичниот финиш донесе уште две поделби на поенот на втората и третата табла, каде што кинеските велемајстори од ШК Алкалоид, Ји Веи и Јангји Ју до шестиот час на играта водеа долга борба, до голи кралеви против Винсент Кејмер, односно Пентала Харикришна. 

За да биде мешаницата на табелата поголема, нерешено заврши и вториот дуел на екипите од првата четворка, каде што „Туркиш Ерлајнс“ ремизираше со францускиот „Шартре“. На тој начин екипите кои претходно заостануваа два бода, сега со нови победи се вратија во игра за водечките позиции. Така, „Нови Бор“ е единствен со 11 поени, а зад него со 10 бода се уште шест екипи, освен „Алкалоид“, „Шартре“ и „Туркиш Ерлајнс“ се приклучија и „СуперЧес“ од Романија, „Бајеган Пендик“ од Турција и „Тајфун“ од Словенија.

Во последното коло, сите тие имаат меѓусебни дуели: „Нови Бор“ игра со „СуперЧес“, додека „Алкалоид“ го доби „Шартре“ предводен од легендарнот Василиј Иванчук. Турските клубови „Бајеган Пендик“ и „Туркиш Ерлајнс“ ќе играат меѓу себе, а словенечкиот „Тајфун“ ќе игра со „Сентименто Ајка“ од Унгарија.

Шахистите на „Алкалоид“ со победа ќе бидат во трката за медал, но резултатите од другите средби ќе влијаат на распределбата на местата на пиедесталот по утрешното 7. коло.