Шахистите на Алкалоид одиграа нерешено во дербито на петтото коло

Шахистите на „Алкалоид“ одиграа нерешено 3:3 со „Туркиш Ерлајнс“ во дерби мечот на петтото коло од Европскиот клупски куп кој се одигрува во Врњачка Бања, Србија. 

По вчерашното изненадување кое го приреди турскиот тим совладувајќи го прворангираниот тим „СуперЧес“, денеска „фармацевтите“ имаа сериозна шанса за славје бидејќи поведоа со 3:1, но во финишот противниците успеаја да извлечат бод.

Мечот започна со брза победа на Ју Јангји на третата табла. Тој со бели фигури, искористувајќи ја непрецизната игра на својот противник, се стекна со јасна предност во отварањето,  која ја претвори во решавачки матен напад. На четвртата табла Аравинд Читамбарам го надигра својот противник и се здоби со решавачка предност, но во „цајтнот“ сосема ја испушти, за на крајот да биде задоволен со поделба на поенот. 

На првата табла, Ајрун Еригаиси повторно одигра одлична партија, надигрувајќи го во еднаква позиција, со бели фигури Дмитриј Андрејкин, Со овој резултат, Еригаиси стана петнаесетти шахист кој во шаховската историја ја поминал рејтинг границата од 2800 поени! 

Следуваше реми на Велимир Ивиќ на шестата табла, и со тоа Алкалоид имаше веќе минимум нерешен резултат во мечот. 

По долга борба Веи Ји беше поразен од Иранскиот репрезентативец Магхсудлу. На петтата табла се случуваше вистинска драма. Наруанан во партијата против Володар Мурзин се стекна со одлична предност по отварањето, но по една позициона грешка дојде до комплетен пресврт. По тешка борба, Индискиот велемајстор успеа да влезе во еднаква завршница, со пешак помалку, сепак поради неколку непрецизни потези ја загуби партијата.  

Со 9 поени од можни 10, ШК Алкалоид го дели второто место на табелата, додека први се шахистите на двократниот Европски првак „Нови Бор“ од Чешка кои во ова коло ги надиграа претставниците на „Нагиканижаи“ од Унгарија со 4,5:1,5. Во дуелот зад нив, францускиот клуб „Шартре“ со 3,5:2,5 победи против израелскиот „Ришон Ле Цион“ и им се приклучи на „Алкалоид“ и „Туркиш Ерлајнс“ во делбата на второто место.

Во шестото коло „Нови Бор“ и „Алкалоид“ ќе играат меѓусебен меч кој ќе го обликува врвот на табелата, додека „Шартре“ ќе игра со „Туркиш Ерлајнс“. Во обид да фатат чекор со водечките, осум екипи со по 8 бода ќе играат меѓусебни дуели бидејќи во моментов се наоѓаат на делба на петтото место.