На никого не му е јасно што се случи: Атлетико тешко оштетен против Лил (ВИДЕО)

По Реал, Лил успеа да го совлада и вториот мадридски тим во Лигата на шампионите, Атлетико и тоа во шпанската престолнина.

Французите славеа со 3-1 на Метрополитано, но клучниот момент на мечот се случи во 75. минута и предизвика лавина коментари. Главниот судија досуди пенал за Лил за наводно играње со рака на еден играч на Атлетико, но од забавената снимка се гледа дека такво нешто нема, туку напротив, со рака игра фудбалер на Лил.

Интересно е тоа што за ваква одлука сигнализираше ВАР, па на никого не му е јасно каде гледаа судиите. Пеналот ги налути фудбалерите и тренерот на Атлетико кои беа бесни по мечот.

„Не знам што видел судијата и поради што свирна пенал. Никому не му е јасно, но она не е пенал. За жал, ние моравме порано да го решиме победникот“, рече капитенот Јан Облак, а со неговото мислење се согласија и Алварез и Симеоне.

Овој пораз го остави Атлетико со само три бода по три кола, а во следниот круг екипата има тешка задача на гости кај ПСЖ.