Торцида ќе ја урива најавената спомен-плоча во чест на убиениот Македонец во Сплит!

Навивачката група Торцида, која навива за хрватскиот тим Хајдук, најави дека ќе го спречи поставувањето на спомен-плочата на Сашко Гешовски, македонски војник во ЈНА, кој беше убиен на големиот протест на 6 мај 1991 година во Сплит.

Причина за ова најмногу е поради намерата на градските власти на плочата да пишува и на кирилица, што навивачите го сметаат за провокација и за нижтожење на се што се случило во Татковинската војна за ослободување на Хрватска.

„Градоначалник, заменик-градоначалник и сите други клошари кои се криете зад разни совети, комисии и иницијативи, имаме порака за вас! Никогаш нема да дозволиме да ги оцрнувате и клеветите хрватските ветерани, нивните семејства и сите други жители на Сплит и Хрватите, ниту да го користите јавниот простор за одвратни обиди за освојување политички поени на начин што ги обезвреднува вредностите и жртви на Татковинската војна со подигање споменици на регрути на непријателските и криминалните војски. На кирилицата ѝ нема место во Сплит“, напишаа од Торцида.

Сашко Гешовски е македонски војник од Кавадарци, кој служел во ЈНА пред почетокот на распадот на СФР Југославија. Тој бил застрелан додека чувал стража пред касарната во Сплит за време на демонстрациите на тие што поддржувале независност на Хрватска. Никогаш не е откриено кој пукал во него. Македонски офицер на ЈНА, пак, беше човекот кој го спаси Сплит од разорно бомбардирање за време на граѓанската војна на хрватска територија. Станува збор за адмирал Драгољуб Боцинов, кој одби да ја изврши наредбата која ќе доведеше до илјадници цивилни жртви.