По 50 недели, промена на врвот на ВТА листата: Сабаленка се врати на првото место

Неиграњето на ВТА турнири последниот месец придонес Ига Швјонтек да загуби многу бодови и со тоа да го препушти првото места на светската ранг-листа.

На него од денеска се наоѓа белоруската тенисерка Арина Сабаленка која ја прекина 50-неделната доминација на Швјонтек. Двете тенисерки денеска се казнети бидејќи не успеаја да ја исполнат квотата за задолжителен настап на турнирите од Серијата 500, но Полјакинката помина полошо. На двете им се одземени бодови за најлошиот турнирски ефект кој им влезе во бодувањето, па Швјонтек загуби 120, а Сабаленка само 10 поени и поради тоа дојде до нивна рокада на челната позиција.

Сега Сабаленка е прва со 9.706 бода, а Швјонтек е на второто место со 9.665. Полската тенисерка беше на чело од 6 ноември до вчера, а Сабаленка денеска ја почува својата деветта недела како првопласирана на ВТА листата откако на истата позиција беше од 11 септември до 5 ноември 2023 година. Швјонтек во меѓувреме стигна до седмото место на вечната листа на тенисерки по бројот на недели поминати на првото место со 125, а со оглед на тоа што е три години помлада од Сабаленка, јасно е дека има големи шанси таму да помине уште многу подолго време.

Кој ќе ја заврши годината на чело на ВТА листата, ќе се знае по завршниот турнир кој ќе се одржи од 2 до 9 ноември во Ријад. Многу повеќе шанси има Сабаленка која во Саудиска Арабија брани само 625 бода, додека Швјонтек лани ја освои титулата и 1.500 бода.