Ватерполистите на Италија ја добија најригорозната казна во историјата на спортот!

Единицата за интегритет на спортовите на вода (АКИУ) го суспендираше италијанскиот машки ватерполо тим на шест месеци и тоа поради вербални и физички напади на официјални лица по поразот од Унгарија во четвртфиналето на Олимписките игри во Париз.

Федерацијата е казнета и со 100.000 долари, од кои 50.000 долари мора да се платат во рок од 90 дена, додека 50.000 долари се условни и ќе бидат активирани во случај на ново прекршување на Кодексот во следните две години. Еден од клучните моменти се случи на крајот на втората четвртина кога судиите го исклучија Франческо Кондеми поради бруталност. Италијанецот шутираше кон голот и откако ја испушти топката од рака, налета во главата на Јаншик. На Италијанците им беше поништен гол, следните четири минути играа со играч помалку, а Унгарците добија и удар од пет метри.

„Азурите“ полудеа по судиската одлука, а по натпреварот италијанскиот селектор, Сандро Кампања и некои играчи вербално и физички ги нападнаа судиите и делегатите на паркингот пред базенот. Интересно е што АКИУ потврди дека потегот на Кондеми е легитимен и не требало да биде исклучен. Сепак, нагласено е дека италијанското однесување е неприфатливо во кој било спорт и особено го нарушува глобалниот имиџ на ватерполото.

Суспензијата почнува на 17 октомври, што значи дека Италијанците нема да можат да се натпреваруваат на претстојниот Светски куп.